Македонија 26. ноември 2019. / 17:45

Заев-Дендиас: Грција претендира да биде прв најголем инвеститор во Македонија

Заев-Дендиас: Грција претендира да биде прв најголем инвеститор во Македонија

Премиерот Зоран Заев денеска оствари билатерална средба со министерот за надворешни работи на Република Грција кој е во официјална посета на Македонија.

Од кабинетот на премиерот соопштија дека на средбата било разговарано за поддршката која земјава континуирано ја добива од Грција на патот на евроатланските интеграции и за развојот на трговската размена и инвестициите помеѓу двете држави.

-Грција е трет најголем инвеститор во Северна Македонија, а претендира во следниот период да дојде на првото место. Преспанскиот договор е извонредна можност за зајакнување на културните и економските врски помеѓу двете држави, стои во соопштението од кабинетот на Заев.

Министерот за надворешни Никос Дендиас рече дека без разлика кој е на власт во Грција, секоја влада принципиелно се залага за имплементирање на заклучоците од Солунскиот самит со кој се поддржува интеграцијата на балканските земји во Европската унија.

Тој додаде дека по барање на премиерот Мицотакис во следниот период ќе ја интензивира својата лоби агенда во европските центри на моќ, во кој ќе бара начин како Македонија што е можно побрзо да го почне процесот на преговори со Европската Унија.

Премиерот Заев се заблагодари за севкупната поддршка која ја добиваме од владата во Атина и се осврна на потребата на зголемување на економската размена, но и подобрување и отворање на нови инфраструктурни канали кои треба да ја поддржат бизнис заедницата.