Претседателот на Владата, Зоран Заев, денеска ја примил во посета поранешната премиерка на Република Словенија, Аленка Братушек, придружувана од словенечкиот амбасадор, Милан Јазбец, соопшти владината прес-служба.
„Заев ги истакна исклучително високите пријателски односи меѓу Македонија и Словенија кои во изминатиот период, за неполна година, добија посебен интензитет во еден особено значаен момент кога се решаваше политичката криза во земјата и кога беа направени пресудните чекори во процесот за членство на нашата земја во ЕУ и НАТО. Тој на средбата информира за актуелниот политички момент и за претстојните политички процеси, со посебен осврт на претстојното организирање на референдумот, на кој граѓаните ќе се изјаснат за договорот со Република Грција како за чекор кон полноправното членство на Република Македонија во ЕУ и НАТО“, соопшти Владата.
Поранешната премиерка на Словенија, Аленка Братушек, во рамките на средбата нагласи дека нејзината земја целосно ги поддржува и останува силен застапник на аспирациите на Македонија во евро-атлантските процеси.