Македонија 05. февруари 2021. / 11:51

Задоцнета реакција или популизам на власта: Општина Штип ќе прави Фонд за помош на учениците генијалци

Задоцнета реакција или популизам на власта: Општина Штип ќе прави Фонд за помош на учениците генијалци

Откако во јавноста вчера се крена голема прашина околу случајот на генијалецот осмо одделение Дамјан Давков од Штип, кој е првак по математика, но Законот не дозволува да ја добие наградата бидејќи се натпреварувал со средношколци, Општина Штип издвои 15.000 денари за постигнатиот успех.

Денеска пак, градоначалникот на Штип, Сашко Николов изјави дека општината ќе направи стратегија со која ќе се направи Фонд кој ќе ги помага и ќе ги стимулира ваквите генијалци, бидејќи како што рече, имаат потреба да работат во подобри услови.

Оттука, пак се отвора прашањето дали ваквиот чекор за формирање на фонд е задоцнета реакција на МОН или популизам на власта откако ресорното министерство вчера остана на ставот дека согласно законите за основно и средно образование и согласно правилниците за организирање на натпревари,  на ученичките натпревари за основно образование можат да учествуваат само ученици од основни училишта и на натпреварите во средно образование да учествуваат само средношколци.

Бројни реакции ги преплавија социјалните мрежи бидејќи Давков и  неговиот наставник, иако се прваци во земјава на сите натпревари по математика, не можат да ја добијат паричната награда, поради прописите на Министерството за образование.

Семејството Давкови, пак реагира на одлуката на министерката Царовска да не му даде награда на ученикот, поради тоа што не е средношколец.

И додека за ваквите деца кои државата наместо да ги турка напред, ги уназадува, пари за семејствата на функционерите секогаш има, како што беше случајот со стипендијата од 40.000 евра која што и беше доделена на ќерката на  вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров.