Забраната за влез во Грција не се однесува на грчки државјани, на граѓани со дозвола за престој, како и за лица чие постојано живеалиште е во Грција
Грчката Влада до 15 мај ја продолжи мерката за привремено ограничување на сите авионски, железнички и патни врски со Северна Македонија и забраната за влез на македонски државјани на грчка територија, јави МИА од Атина.
Одлуката на министрите за здравство, инфраструктура и транспорт и за поморство на Грција, која е во сила до 15 мај 2020 година во 15 часот, вчера беше објавена во „Службен весник“ и е од превентивни причини за заштита на јавното здравје од дополнително ширење на коронавирусот на грчка територија.
Забраната за влез во Грција не се однесува на грчки државјани, на граѓани со дозвола за престој, како и за лица чие постојано живеалиште е во Грција.
Исто така, исклучок од забраната има за камиони кои пренесуваат стока. Во одлуката на министрите се вклучени и мерки што се однесуваат на поврзувањето на Грција со Албанија, Италија и Шпанија
До 15 мај привремено се прекинати сите авионски, морски, железнички и патни поврзувања со Албанија и е забранет влез во Грција за албански државјани, се прекинува морското и авионското поврзувањето со Италија и воздушниот сообраќај со Шпанија.
Одлуката Грција да ги затвори границите со Северна Македонија и Албанија беше првично донесена на 15 март, по што беше продолжена за уште еден месец.