Доколку Собранието на Македонија го усвои законскиот предлог кој денеска го достави пратеничката група на СДСМ, според кој ќе стане задолжително заминувањето во пензија со 64 години возраст и со најмалку 15 години работен стаж, тоа нема да значи дека условот за пензионирање ќе биде продолжен за две години за жените.
Ова за МКД.мк го изјави координаторот на пратеничката група Јован Митрески кој објасни дека со нивниот предлог условот за жените да можат да се пензионираат останува истиот, 62 години возраст и 15 години стаж, но нема да можат да го одложуваат заминувањето во пензија повеќе од две години, односно ќе можат да работат најдолго до 64 годишна возраст.
За мажите и досега условот за заминување во пензија беше 64 години, но доколку бидат донесени измените на Законот за работни односи, како што тоа го предлага СДСМ, пензионирањето на таа возраст станува задолжително.
Во предлогот се оставени и исклучоци за продолжување на работниот стаж во областа на здравството и високото образование и тоа година за година, со решение на директорот на установата и со согласност на вработениот, но не подолго од 67 години возраст.