Македонија 12. ноември 2018. / 12:52

За половина милијарда денари се намалува буџетскиот дефицит со Буџетот за 2019 година

За половина милијарда денари се намалува буџетскиот дефицит со Буџетот за 2019 година

Со Буџетот за 2019 година се намалува буџетскиот дефицит, односно јазот помеѓу буџетските приходи и расходи. Буџетскиот дефицит за следната година е проектиран на 2,5% од БДП или 0,2 процентни поени или половина милијарда денари помалку во однос на годинава, инфомираа од Министерството за финансии.

Со постепено намалување на буџетскиот дефицит, се води дисциплинирана буџетска политика, што пак ќе придонесе за стабилизација на државниот и јавниот долг на среден рок. Ова го истакна министерот за финансии Драган Тевдовски на јавната презентација на Предлог-Буџетот за 2019 година пред коморите, синдикатите, невладиниот сектор и медиумите.

-Клучна појдовна точка за Буџетот за 2019 година е продолжувањето на дисциплинираната фискална политика. Правецот во кој одиме е  умерена фискална консолидација или намалување на буџетскиот дефицит на 2,5% од проектираниот БДП за 2019 од 2,7% во 2018. Кај буџетскиот дефицит има намалување и во номиналниот износ во однос на 2018 година, односно половина милијарда денари помалку. Ова е во согласност со Фискалната стратегија, како и препораките на сите меѓународни организации. Умереното намалување на дефицитот влијае директно на помали потреби за задолжување, а со тоа и среднорочно стабилизирање на државниот и јавниот долг-рече Тевдовски.

Вкупните приходи во 2019 година се проектирани на 210,8 милијарди денари, додека вкупните расходи се 228,5 милијарди денари.