Третиот состанок за унапредување на соработката меѓу земјите од Западен Балкан што денеска се одржува во Тирана, започна со работниот дел на кој лидерите од регионот го разгледаа напредокот на спроведување на четирите слободи во регионот, утврдени на претходните два состаноци во Охрид и Нови Сад.
Духот на инклузивност и на добрососедските односи што го поттикнаа овој процес донесе повеќе придобивки од непосреден интерес на граѓаните во регионот, стои во сооптението испратено од владината прес служба.
– Трагедијата предизвикана од земјотресот во Драч поттикна взаемната поддршка при природни катастрофи и вонредни состојби да биде вклучена како уште еден столб во унапредувањето на соработката во регионот, и во таа насока во февруари во Белград, надлежните институции на секоја од земјите од Западен Балкан ќе го потпишат документот Протокол од Драч за соработка на дирекциите за заштита и спасување, велат во соопштението.
Оттаму додаваат дека завршени се преговорите меѓу Србија и Македонија и наскоро ќе започне градбата на новиот граничен премин Лојане – Миратовац, а до следниот состанок на оваа иницијатива во Белград, царинските дирекции на Македонија и на Албанија ќе го потпишат договорот за One Stop Shop за граничниот премин Ќафасан, каков што има со Србија на граничниот премин Табановце.
– Главната цел на овие гранични контроли со едно застанување наскоро да станат – Нон Стоп Шоп, односно премини без застанување, и како придонес за остварување на оваа постапка ќе биде и воведувањето на бесхартиен систем кој ќе ги поедностави царинските постапки, велат од владината прес служба.
Во таа насока за истакнување се, додаваат и неодамнешните одлуки донесени во рамките на ЦЕФТА, за време на претседателството на Албанија, особено одлуката за автоматско признавање на овластени економски оператори, и унифицирањето на процедурите за работни дозволи за сите граѓани во сите држави во регионот.
Лидерите на земјите учеснички и на оваа средба го реафирмираа ставот дека оваа иницијатива има за цел да ја забрза соработката за да се олесни и забрза процесот на европска интеграција на секоја од земјите од Западен Балкан, и дека таа е отворена за сите 6 земји во регионот.
На состанокот во Тирана лидерите од Западен Балкан позитивно го оценија охрабрувањето на Европската Комисија, на политичките и финансиските институции на ЕУ, на Регионалниот совет за соработка, како и на Светската Банка, и другите приврзаници на европската перспектива на регионот за поддршката во спроведувањето на иницијативите што произлегоа од овој процес.