Министерството за образование реагира по прес-конференцијата во Гостивар од каде истакнаа дека сред кампања министерот за образование менувал директори. Од МОН велат дека не постапуваат самоволно, туку исклучиво во согласност и со почитување на правните прописи во земјата и на одлуките на останатите институции, органи и тела задолжени за контроли, надзори и донесување на решенија за ситуации, како конкретно настанатата во Општина Гостивар.
Од Министерството велат дека по инспекциските надзори од страна на Државниот просветен инспекторат биле констатирани низа нерегуларности и непочитувања на законите од страна на градоначалникот на општина Гостивар и на локалната самоуправа, во постапките за разрешување и именување на директори на училишта. Оттука, Министерството за образование и наука согласно преземените ингеренции од општина Гостивар и почитувајќи и постапувајќи по одлуките на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, со кои се усвојуваат жалбите на незаконски разрешените директори на училиштата во Гостивар, донело решенија за нивно враќање на работните позиции од кои биле незаконски разрешени.
Министерството за образование и наука додава дека е должно да ги почитува одлуките на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен и да постапува по однос на истите, што значи дека донесените решенија се всушност постапување согласно одлуки на Второстепена комисија.
Тие апелираа до Општина Гостивар, градоначалникот на оваа општина и до нејзиното раководство да не обвинуваат паушално и лажно само заради нивните политички цели и да не ја вклучуваат политиката во воспитно-образовниот процес, бидејќи во оваа ситуација штета се нанесува единствено на учениците и на воспитно-образовниот процес.