Скопјанецот Александар Митровски на својот Фејсбук профил синоќа напиша дека по сообракајна незгода, иако работи во ГОБ „8 септември“, се упатил на преглед во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, но дека администраторот во Ургентниот центар го преупатил на снимање во Градска болница, со образложение дека веќе имале повредени во две сообракајки.
Сепак, Митровски се сомнева дека бил преупатен во друга болница токму бидејќи е вработен во Ковид центарот и се сомнева дека бил вратен од страв да не боледува од корона вирусот.
Тој се обраќа во постот и до министерот за здравство, Венко Филипче.
Доаѓам на шалтер на Ургентен центар и објаснувам дека сум имал сообраќајна незгода, сум колега од 8 Септември и дека работам во Ковид одделение. Ни секунда не поминува, администраторот вика упатете се кон Градска болница, ние веќе имаме 2 сообраќајки. Нема врска се враќам нервозен и викам „нели е срамота за тоа што секој 3. ден идам во дежурства по 24 часа, по цели денови сум со позитивни пациенти, бдееме со колегите над нив да спасиме живот, а вие се плашите да ме примите, а едвај стојам на нога?!!!. На тоа добивам одговор д-р Ѓорески рече да одите да направите рентген снимања, па да дојдете – не е проблем, ќе ги види снимките и ако треба, ќе ве препрати на неврохирургија – тврди Митровски на Фејсбук.
Во Ургентниот центар, за „Плусинфо“ велат дека ќе го проверат случајот, а нагласуваат дека и од почетокот на корона кризата досега никој не се пожалил дека не бил примен на преглед.
Во документацијата треба да се провери кој дента бил на работа на шалтер и која екипа работела. Секој ден во центарот примаме десетици пациенти, најчесто итни случаи, и досега никој не реагирал дека бил вратен поради страв од зараза со корона врусот. Ќе го испитаме случајот со овој пациент, можеби моментално не бил во функција рентген-апаратот. Бидејќи колегите му кажале на пациентот да се врати со снимките кај нас, значи дека сепак не бил одбиен во Ургентен да му се пружи здравствена услуга – велат во Ургентниот центар.