Македонија 06. ноември 2018. / 22:21

„Војводите“ и „Балистите“ се договорија дека ќе ги релаксираат односите

„Војводите“ и „Балистите“ се договорија дека ќе ги релаксираат односите

Во Секторот за внатрешни работи Тетово, денеска, се одржаа две одвоени средби со претставници на тетовските навивачки групи „Војводи“ и „Балисти“, соопшти Министерството за внатрешни работи.

На средбите станало збор за последните инциденти што изминатиот викенд се случија во Тетово, а во кои беа инволвирани членови на овие две навивачки групи, но и за формите и начините за надминување на сите проблеми и недоразбирања.

-Раководството на Секторот за внатрешни работи Тетово и претставниците на навивачките групи ‘Војводи’ и ‘Балисти’ договорија заеднички мерки и активности за релаксирање на односите помеѓу тетовските навивачи, а договорено е исто така во иднина тие да се воздржат од ширење говор на омраза, непримерно скандирање и упатување навредливи и вулгарни пораки кон другите- извести МВР за исходот од средбите.

Оттука произлегла и иницијатива за заедничка средба на двете навивачки групи и нивно помирување со цел во наредниот период да не се повторат вакви или слични инциденти.