Откако Центарот за јавно здравје од Охрид извршил контрола на терен, констатирано е дека матноста на водата за пиење на две мерни места во Струга е над границите од дозволеното. Причината за заматена вода е поради врнежите од дожд, и истата не се препорачува за пиење.
– Првично е констатирано дека матноста на водата е зголемена вон границите на дозволеното на мерните места СОУ „Нико Нестор” и детска градинка „Сонце”. Известена е инспекцијата и водата не се препорачува за пиење, изјави Точков за МИА.
Центарот за јавно здравје работи на анализи за бактериолошката исправност на водата во Струга.
Заматена вода за пиење, според соопштението на јавното претпријатие „Водовод и канализација” имаат и жителите на селото Мороишта. Оттаму најавуваат дека ќе прават рестрикции од 22 часот до 5 наутро поради немање доволно вода во изворите, до подобрување на состојбата.
Стружани пак, револтирани поради честите рестрикции за вода или слабиот притисок најавуваат протест за в сабота пред просториите на „Проаква”.