Македонија 24. март 2020. / 13:23

Во Виница има 71 лице вратено од ризични земји: Целосно се затвора пазарот во градот

Во Виница има 71 лице вратено од ризични земји: Целосно се затвора пазарот во градот

Во Виница има 71 лице опфатено со мерката за домашна изолација и главно се работи за граѓани кои пристигнале од странство, односно од држави кои се на листата на средно и високоризични земји.

Поради тоа, како и со цел почитување на препораките за заштита од корона вирусот, Кризниот штаб на Виница донесе одлука за целосно затворање на градскиот пазар. Со тоа е променета претходно донесената одлука со која во среда, кога е пазарен ден, им беше дозволено работењето само на продавачите на прехранбени артикли.

Имајќи ги предвид последните мерки за ограничено движење на пензионерите и на другите лица, одлучивме во текот на утрешниот ден тезгите да бидат целосно затворени. Освен на текстилни и други производи, тоа подразбира и забрана за продажба на овошје, зеленчук, млечни производи и сите останати земјоделски намирници – истакна градоначалникот Ивица Димитров.

Екипи на комуналното претпријатие „Солидарност“ продолжуваат со мерките за дезинфекција на локациите на кои во текот на денот има поголема фреквенција на граѓани, а после секој погреб се дезинфицира и градската капела.