Македонија 07. мај 2020. / 15:48

Во Велес 9 новозаразени и еден починат, градоначалникот вели нема место за паника

Во Велес 9 новозаразени и еден починат, градоначалникот вели нема место за паника
фото: архива

Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, денеска упати апел до велешани дека нема место за вознемиреност, бидејќи заразата е точно лоцирана меѓу вработени во конфекцијата ЈУ-КА со исклучок на двајца пензионери.

Посочи дека денеска телефонски разговарал со сопственикот на конфекцијата ЈУ-КА и тој го известил дека во саботата донеле одлука да прекинат со работа, а моментално на работа оделе 15-тина вработени, најголем дел од администрација и дел од вработените за тековно одржување.

– Новонастанатата состојба во Велес е предупредување за сите општини и населени места во земјава дека не треба да се опуштаме и дека треба да бидеме внимателни при контактите и совесно и одговорно да се однесуваме до препораките на заштита, порача Коцевски.

Тој информира дека со новозаболените девет лица бројот на регистрирани со Ковид-19 во Велес се искачи на 93 и двајца во Општина Чашка или вкупно 95 заболени.

Изминатите 24 часа, Коцевски соопшти дека, еден пациент од Велес починал, а еден е ставен на респираторна машина на Инфективната клиника во Скопје.