Македонија 07. октомври 2019. / 17:50

Во тек хуманитарната акција за помош на семејството Воденски од село Русиново

Во тек хуманитарната акција за помош на семејството Воденски од село Русиново

Под мотото „Да подадеме рака на семејството Воденски“, во тек е хуманитарната акција за собирање помош на тричленото семејството Воденски од село Русиново, чија куќа и покуќнина, изгоре во пожар изминатиот петок.

Според информациите на иселеникот Марјан Тодоровски, кој ја иницираше хуманитарна акција, досега хуманите граѓани ширум светот донираа околу 200 илјади денари.

– Целта е да му помогнеме на ова семејство да си ја обнови куќата, да не ги оставиме да ја поминат зимата под отворено небо. Досега акцијата се одвива мошне брзо, хуманите граѓани масовно донираат и сметам дека до крајот на неделава ќе биде соберени потребните средства, кои сметам дека ќе бидат доволни за почеток семејството да има скромен дом, каде ќе ја помине зимата, вели Тодоровски.

Тодоровски додава дека средствата ќе бидат искористени за набавка на градежни материјали за изградба и адаптација на објект за живеење.

Освен од хуманите граѓани, во акцијата за адаптација на објект за живеење, најавена е поддршка и од општина Берово, од каде исто така, најавија и парична помош.

Во меѓувреме по пожарот, општината на семејството Воденски му обезбеди преноќевалиште во соседното село Владимирово. Освен оваа помош, значителна е и помошта во храна, облека и хигиенски пакети која пристигнува од хуманите граѓани од Беровско и околината, кои сочувствуваат со несреќата, која го снајде тричленото семејство од Русиново.