Оваа современо уредена соба со симболични национални премиси, ќе биде соба во која Клубот на пратенички ќе функционира, ќе одржува состаноци, средби, ќе прима делегации и ќе се дружи, порача претседателот на Собранието Талат Џафери на отворањето на Женска соба на Клубот на пратенички во Парламентот.
– Тука се прикажани низ слики дел од активностите на нашите драги колешки, а во иднина оваа институционална меморија ќе биде збогатена со се надевам уште многу конкретни резултати од неуморната но толку важна работа на овој Клуб, кој е гласот на таканаречениот „понежен пол“, иако јас не би се согласил со таа констатација бидејќи, низ годините се докажа дека жената е движечка сила, мотор кој има визија, има сила и пред се, има желба да створи поубав свет за нашите деца и за сите следни генерации, рече Џафери.
Нагласи дека денеска практично се реализира неговото ветување што го дал по повод Меѓународниот ден на жената и одбележувањето на 15-годишнината од функционирањето на Клубот на пратенички.
Тогаш, како што рече, кажал дека ќе го следи примерот на шведскиот Парламент и Кралството Шведска, земја со највисок процент на застапеност на жените во политиката и јавниот живот и како претседател на Собранието ќе започне со реализација на проект за чување и промоција на придонесот на жените пратенички и носители на функции во Собранието и неговите работни тела.
– И ете денес, после седум месеци, ние сме тука на отворањето на таа Соба на Клубот на пратенички, која ќе биде скромен, но значаен придонес и оддавање признание за улогата на жените политичари во Собранието на Република Македонија, посочи Џафери.