Управниот одбор на Здружението на приватни лекари на Македонија на вчера одржаниот состанок оцени дека Предлог – договорот за 2020 година, што го донесе Фондот за здравствено осигурување е неприфатлив, изјави претседателот на Здружението, Лилија Чолакова Дервишова. Таа појасни дека во Предлог-договорот не е наведено ништо конкретно за тоа како ќе се исплаќа трудот на докторите, како ќе се наплаќаат превентивните активности и како ќе се контролираат конкретните работи.
– Во Предлог – договорот ги нема нашите суштински барања, а тие се: пациентите да бидат на ПЗУ, а не на матичен доктор, што значи пациентот да не избира матичен доктор, тука приватна здравствена установа, потоа ПЗУ да не се затвори ако нема медицинска сестра, туку да се вработи администратор, бидејќи така трпат и лекарите сопственици на амбулантата и пациентите, и трето да имаме право за подолготрајно боледување како колегите од јавното здравство, потенцира доктор Чолакова Дервишова.
Таа вели дека бараат од Фондот да им ги достави правилниците по кои ќе ги плаќа следната година. Воедно, како што нагласи, бараат и сите доктори кои работат сами без медицински сестри да имаат бенифициран стаж, а не да бидат казнувани со помали капитации.
– Светската банка секогаш е за поддршка на малите фирми, а не за нивно уништување. Револтот во примарното здравство е огромен. Кој друг во државата потпишува договор во кој нема конкретни детали за начинот на исплата, праша доктор Чолакова Дервишова.