Македонија 22. декември 2020. / 13:03

Во последните три недели намален е бројот на заразени и починати од Ковид-19

Во последните три недели намален е бројот на заразени и починати од Ковид-19

За период од 14 до 20 декември 2020 година, Институт за јавно зсдравје има регистрирано вкупно 15 607 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 1,6 отсто во однос на минатата недела.

Според извештајот, регистрирани сe 4 585 нови позитивни случаи од 35 градови во државата што значи намалување од 16,9 отсто во однос на минатата недела.

Најголем дел од регистрираните случаи, 42 отсто и натаму се од Скопје. Во периодот на известување процентот на позитивни од тестирани случаи на SARS-CoV-2 изнесува 29,3 отсто или намалување од 5,5% во однос на минатата недела.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 или 29 отсто од новозаболените припаѓаат на оваа возрасна група. Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 50-59 вкупно 19,3 отсто, 30-39 вкупно 17,7 отсто, 40-49 вкупно 17,5 отсто и на возрас од 20 до 29 години вкупно 11,1 отсто. Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 години или 1,3 отсто и 10-19 години вкупно 3,9 отсто.

По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 4 513 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 15,1% помалку во споредба со минатата недела.

Пријавени се 159 смртни случаи од 25 града, со намалување од 8,6% во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 131 лице биле над 60 години, 17 лица на возраст од 50-59 години, 8 смртни случаи се пријавени од возрасната група 40-49 години и три случаи од возрасната група од 30-39 години.