Веста дека се делат бесплатни лубеници, и тоа кој колку може да понесе, го преплави градот за кратко време. Додека бевме таму, од сите страни доаѓаа возила, излегуваа луѓе и товараа лубеници.„Не ми се веруваше, ама навистина давале бесплатно“ се радуваше една од жените со лубениците под мишка.
И возилото на една од детските градинки беше паркирано веднаш до приколката со лубеници, а возачот ни кажа дека кога веќе се дели без пари, од градинката решиле да земат лубеници за ужинка на децата.
Според тврдења на присутните граѓани, и на други бензински станици се случувало истото и се делеле лубеници.
„Супер е ова, уште да знаеме дали и други земјоделски производи ќе се даваат, па да планираме и за зимница“ се шегуваа некои од нив.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски моментално се наоѓа во Париз, Франција, како делегат во Меѓународната организација за вино ОИВ, каде учествува на годинешното вонредно генерално Собрание на организацијата, на кое што ќе се избира нов претседател и генерален директор на организацијата.
По пат на СМС тој ни рече да ја контактираме Соња Јанковска, портпарол на министерството за повеќе информации.
Околу тоа дали има криза во откупот на бостанот, по која цена се откупува, и која е логиката камиони од струмичко да доаѓаат до Неготино и да прават дополнителни трошоци за превоз, Јанковска вели дека нема застој во откупот на лубениците, а тие кои што се делеле бесплатно, биле откупени од страна на компанија која решила на своите бензиски станици да им дели бостан на корисниците на нејзините услуги.