Од петок се отвораат границите за слободен влез и излез од земјава за граѓаните на Македонија, како и за тие кои сакаат само да транзитираат низ неа. Притоа, укинати се условите за влез, односно нема да се бара ни ПЦР тест не постар од 72 часа, каков што им се бараше на тие кои сакаа да влезат во земјава. На границите нема да има поставено ни термални камери за рано детектирање на евентуално сомнителните заболени од Ковид-19. Нема да има ниту лица со заштитни скафандери кои на тие кои ќе влегуваат во Македонија на премините ќе им мерат телесна температура. Во земјава ќе може да влезе секој.
Ова се случува во период кога со денови бројот на заболени од Ковид-19 на дневна основа во Македонија никако да се спушти под 100 новозаболени. Во изминативе денови, пред тотално да бидат отворени границите за нашинците кои се во странство, откриени се три случаи на заболени од корона вирус, односно три лица кои допатувале во земјава и кои веќе се под надзор на здравствените власти.
Отварањето на границите на голема врата ја остава можноста без одредена контрола во земјава да почне „увоз“ и „извоз“ на корона вирусот. Во екот на летната сезона, кога границите ќе бидат отворени се очекува враќање на гастејбајтерите, иселениците, но и на тие кои ќе сакаат да го дадат својот глас на претстојните парламентарни избори закажани за следниот месец. Зголемениот повраток на иселениците ја остава отворена можноста на драстично ширење на вирусот и зголемување на бројот на нозаболени. Отварањето на границите за дел од јавноста е политичка одлука. Според нив, оваа избрзана одлука само ќе допринесе за зголемување на бројот на заболените од корона вирусот. Од Владата велат дека отварањето на границите го најавувале подолго време зависно од анализите на Комисијата за заразни болести, а тоа било врз основа на епидемиолошката анализа која се прави и овде и во регионот.
Одговарајќи на новинарско прашање, во однос на тоа дали одлуката за отворање на границите е поврзана со престојните избори на 15 јули, техничкиот премиер, Оливер Спасовски изјави дека најпрво ЕУ ги отворила границите за своите членки и тие на тој начин функционираат помеѓу себе.
Ние мораме да научиме да живееме со овие мерки и сите заедно да придонесеме за тоа колку е можно повеќе да го држиме вирусот под контрола. Оваа одлука за отворање на границите не е во корелација со изборниот процес, туку во однос на проценките на Комисијата за заразни болести – изјави Спасовски.
Тој изјави дека не е точно оти одлуката била донесена за да се вратат иселениците и да гласаат на 15 јули, туку границите се отвораат поради епидемиолошка проценка направена од страна на Комисијата за заразни болести.
Владата донесе одлука од петок (26 јуни), да бидат отворени за сообраќај и Меѓународниот аеродром Скопје и на Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Согласно овие одлуки Владата донесе и одлука да биде укината забраната за организиран превоз.