Од утре во Куманово повторно ќе почне да функционира зонското паркирање, одлучија советниците на денешната вонредна седница на Советот. Претходно од почнувањето на пандемијата, воведувањето на полицискиот час, во Куманово не функциоираше зонското паркирање како една од мерки за поддршка на граѓаните во вонредна состојба. Советниците сметаат дека сега веќе и полицискиот час е подолг, така што има потреба од воведување на зонското паркирање како една од мерки за намалување на сообраќајниот метеж.
– Паркињето од утре ќе се наплаќа, по старата веќе утврдена цена. По извесен период повторно почнуваме со стандардна работа, изјави директорот на ЈП „Куманово-Паркинг“ , Фадиљ Шабани.
Претседателката на Советот, Атина Мургашанска, вели дека со повторното функционирање на зонското паркирање постепено се враќа во редовни текови, општинското функционирање.
-Со претходната одлука за укинување на зонското паркирање го олеснивме финансискиот товар на граѓаните од Куманово кое беше најпогодено од кризата, сега веќе епидемијата стивнува, секој ден имаме помалку заболени, повеќе оздравени. Затоа изгласавме повторна одлука за враќање на зонското паркирање, изјави Мургашанска.
Од опозицијата предвоена од ВМРО-ДПМНЕ реагираа зошто седницата е свикана како вонредна и како што појасни координаторот Драган Петковски, оваа седница не исполнува ниту еден од условите кои се предвидени за свикување вонредни седници, дефинирани во Деловникот за работа и статутот на општината.