Новите мерки усвоени синоќа од Владата на Косово не се однесуваат на Македонија, потврди за Алсат амбасадорката на Косово во нашата земја, Шпреса Јусуфи.
Според мерките усвоени од косовската влада на синоќешната седница, странските државјани кои влегуваат во Косово, вклучително и оние со привремен или постојан престој во Косово, а доаѓаат од земји со висок ризик мора да имаат негативен тест за ковид-19 не постар од 72 часа.
Од овие обврски се ослободени странски државјани кога влегуваат во Косово преку аеродром или копнени гранични точки и го напуштаат Косово во рок од три часа. Услов е тој да потпише изјава на влезот дека ќе го напушти Косово во рок од три часа.
Владата, пак нема информација дека за влез во Косово е неопходен ПЦР тест, соопшти денеска портпаролот Муамет Хоџа, откако Министерството за внатрешни работи извести дека преку ЗКЦ Долно Блаце денеска е добиено известување дека од 23.12.2020 година од 05 часот за влез во Косово за македонските граѓани потребен е ПЦР тест не постар од 72 часа.
Доколку таква информација пристигне, јавноста, рече Хоџа, ќе биде веднаш информирана.