Македонија 17. мај 2020. / 09:33

Во изминатите 24 часа нови 22 случаи на Ковид-19, иако мерките се олабавуваат

Во изминатите 24 часа нови 22 случаи на Ковид-19, иако мерките се олабавуваат

Во изминатите 24 часа се регистрирани 22 нови случаи на Ковид-19 од 462 направени тестирања. Мерките почнаа да се олабавуваат, но тоа не значи и дека треба да се релаксира личната заштита и одговорност.

Регистрирани се 16 оздравени пациенти, додека една пациентка од Скопје, на 79-годишна возраст, почина.

Од новозаразените, најмногу (девет) се во Скопје, шест во Тетово, четири во Прилеп и по еден во Куманово, Велес и Охрид. Министерството за здравство информира дека денеска Институтот за јавно здравје регистрирал 16 оздравени пациенти – осум во Скопје, по двајца во Прилеп, Струга и Велес и по еден во Гостивар и Кратово.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера објави дека за една недела Градската општа болница „8 Септември“ ќе ги отвори амбулантите, ќе започне да функционира нормално и ќе биде во служба на сите пациенти, не само на оние со Ковид-19. Болницата која најголем дел од капацитетите ги стави на располагање за Ковид-19, со тоа повторно ќе биде ставена во функција за сите граѓани.

Во сила остануваа задолжителнот носење маски во затворени простории и на отворено доколку не може да се одржи дистанца од два метри.

– Ќе биде грешка доколку релаксирањето на рестриктивните мерки на Владата се протолкува како крај на заканата од Ковид-19 и кризата со пандемијата. Да се дојде до ситуација на повторно затворање би било покатастрофално за економијата и за заедницата отколку влијанието на првите рестриктивни мерки, вели за МИА шефицата на канцеларијата на СЗО во Скопје, Џихан Тавила.

Миењето на рацете и понатаму останува е најефективниот механизам за да се спречи трансмисија, а медицинските маски пред се им се потребни на здравствените работници кои се во првите редови на борбата. Потсетува дека препораката на СЗО е медицински маски да носат луѓето кои се болни, а болните треба да останат дома, како и оние кои се кои се грижат за заболен од Ковид-19.

Нова вонредна состојба во траење од 14 дена за справување со економските ефекти поврзани со Ковид-19, како и за заокружување на здравствените одговори на пандемијата прогласи во петокот претседателот на државата Стево Пендаровски, иако Владата бараше нови 30 дена вонредна состојба.

Ова е трето прогласување на вонредна состојба, откако првично беше прогласена на 18 март, по што беше донесена уште една одлука за нови 30 дена, која завршува денеска, на 16 мај.