Партиските работни групи денеска ќе се обидат уште еднаш да ги доближат ставовите за владиното предлог-решение за Законот за јавно обвинителство, со кој се решава и иднината на Специјалното обвинителство. Средбата е закажана за 12 часот во Собранието. Судбината на СЈО се смета за последно отворено прашање пред земјите-членки на ЕУ во октомври да решаваат за почеток на пристапните преговори.
Законот за јавно обвинителство веќе е ставен како точка на дневен ред на утрешната собраниска пленарна седница, но двотретинско мнозинство за негово изгласување сè уште не е постигнато.
Премиерот Зоран Заев викендов изјави дека верува оти ќе има конзензус. Тој вели дека законот содржи повеќе од 80 отсто од предлозите на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ и очекува договор за негово изгласување.
-Очекувам да се договориме, а пратениците да се изјаснат бидејќи деновите се одброени. За оваа работа разговараме скоро една година, а останаа само дваесеттина денови за разговори. Искрено верувам дека заедно со опозицијата, со консензус ќе ја обезбедиме поддршката на новиот Закон за јавно обвинителство, изјави Заев.