ВМРО-Народна партија е против воведувањето на јогата на часовите во новиот образовен концепт кој го најавува Министерството за образование.
За партијата на Љубчо Георгиевски е неприфатливо воведувањето на предлог-предметот „Јога“ како дел од најновите реформи во македонското образование.
Јогата како предмет не е само физичко вежбање, велат од таму, туку пред се има сопствено религиозно значење во кое поединецот се поврзува со хиндуистичките божества.
– Со ваквиот предлог може да се напушти секуларизмот во македонското образование, а и да доведе до повреда на религиските чувства на двете најголеми религиозни заедници во Македонија, христијанската и исламската, гласи реакцијата на партијата.
ВМРО-НП смета дека непотребно се создава атмосфера на паника дека училишниот предмет историја ќе бил укинат.
– Од самиот концепт се гледа дека историјата како предмет останува и се поврзува со географијата, впрочем во најголем дел од Европа така функционира образовниот систем, а тој концепт не ја изостава ниту Македонија особено во приватните училишта каде обично таа комбинација се нарекува “Social Studies” или општествени науки, соопштува оваа партија.