Македонија 16. ноември 2020. / 10:37

ВМРО-ДПМНЕ: За седум дена умреа 195 луѓе, ништо не е под контрола, Филипче да поднесе оставка

ВМРО-ДПМНЕ: За седум дена умреа 195 луѓе, ништо не е под контрола, Филипче да поднесе оставка

Црните рекорди кои ги бележи Македонија во пандемијата од корона вирусот, под раководство на Филипче, никако да престанат. Филипче веднаш да си поднесе оставка бараат од ВМРО-ДПМНЕ.

Преку партиското соопштение испратено утринава тие потсетуваат дека во последното деноноќие починаа уште 24 лица, чиишто, како што велат, семејства се завија во црно, а од почетокот на пандемијата починаа 1.305 лица.

-За една недела умреа 195 луѓе поради неспособноста на Филипче, а здравствениот систем е во колапс и надвор од контрола. Четирицифрена бројка на заразени од Ковид-19 во Македонија стана секојдневие. Главен виновник за целата ситуација е Венко Филипче. Поради неговата неспособност од почетокот на пандемијата до денес, бројот на македонски граѓани кои се заразија од вирусот надмина 47 илјади, а над 1.300 ја изгубија битката, се вели во соопштението.

Додаваат дека ваквите алармантни бројки ни најмалку не го загрижуваат министерот Филипче.

-Неспособниот Филипче ги фрла граѓаните во секојдневна голгота и очај. Здравствениот систем е колабиран, исцрпени медицински лица, нема соодветна, а нема ниту терапија секаде. Граѓани умираат на пат до болница или во болничките ходници. Се почести се апелите за помош и собирање донации, по социјалните мрежи, за своите најблиски да ги лечат во приватните установи. Граѓани се заглавуваат во кредити, за да најдат лек во приватно здравство, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Прашуваат што има таму, што неспособниот Филипче не може да им го обезбеди во јавното здравство?
Или пак, постои некој интерес на Филипче, што овозможи, приватните болници да се богатат на грбот на пациентите, додека државното здравство колабира!?

-Филипче, како министер, не решава проблеми затоа што тој е проблемот. Токму затоа, Филипче веднаш треба да понесе одговорност! Оставка, Филипче веднаш!, стои во соопштението од опозицијата.