Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ на наредната седница на Советот на Општина Куманово ќе предложи подигање споменик во чест на осумте бранители кои загинаа на 9 мај во 2015 година во Диво Насеље, изјави Игор Божиновски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ги повикуваме советниците од СДСМ да излезат од партиската рамка и да го поддржат овој предлог за Република Македонија и нејзините храбри синови. Жарко Кузмановски, Ненад Серафимовски, Сашо Самојловски, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Исмед Османи, Љубиша Аранѓеловиќ и Горан Стојменовиќ ќе останат засекогаш врежани во македонската колективна меморија како луѓе кои несебично се ставија во одбрана на својата татковина и заштита на уставниот поредок на Република Македонија“, рече Божиновски.
Голема е жртвата, додаде тој, и на 37-те припадници на МВР кои беа ранети и десетиците кои учествуваа во акцијата. „Додека тие ја бранеа државата, Зоран Заев и Оливер Спасовски им свртеа грб на државата и граѓаните. Еден ден по антитерористичката акција отидоа со смеење и се сликаа на местото каде своите животи ги положија 8-те припадници на МВР“, рече Божиновски.