Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ на 2 или 3 јуни во Скопје ќе одржи голем народен митинг против актуелните владини политики. Според оваа партија оваа Влада на Република Македонија ја води државата во погрешна насока.
ВМРО-ДПМНЕ е во една внатрешна реорганизација, а по неа се планираат силни теренски активности. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски вели дека во партијата во тек е избор на локални раководства односно на претседатели на општински комитети и на раководства на општинските комитети кои се основен двигател на нашата политичка партија. „Потоа планираме силни теренски активности, а дел од нив е и големиот народен митинг. Меѓу граѓаните, сакаме да ја пренесеме нашата порака, да ги претставиме нашите концепти кои ги градиме како ново раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Да дадеме јасна критика на Владата и сериозно да го подготвиме членството и симпатизерите, но и да ги поканиме неопределените да ни се приклучат во една силна битка која што ја поведуваме против оваа Влада“, вели Николоски.
Вчера претседателот на партијата ВМРО-ДПМНЕ побара лидерска средба за преговорите за името, но засега нема никаква информација дека такво нешто се подготвува пред средбата на 16 или 17 мај во Софија на премиерите на Македонија и на Грција Зоран Заев и Алексис Ципрас.
„ВМРО-ДПМНЕ има многу јасен и повеќепати искажан став дека нема да поддржи уставни промени за да се смени уставното име на државата, а што е едно од клучните прашања на грчката страна во преговорите за името на земјата.
Најавуваме голем народен протест на којшто ВМРО-ДПМНЕ ќе ги изрази сите свои несогласувања со моменталните политики на владејачкото мнозинство предвододено до СДСМ. Од оваа власт не очекуваме ништо, напротив очекуваме само ретроградни процеси и очекуваме на тој голем митинг народот масовно да застане до ВМРО-ДПМНЕ, и да ги поддржи политиките што ќе ги предложиме“, рече Мицкоски.