Македонија 30. јули 2018. / 09:30

ВМРО ДПМНЕ: Крадењето на СДСМ доведено до максимум

ВМРО ДПМНЕ: Крадењето на СДСМ доведено до максимум

СДСМ удри на крадење и тоа на најјако, додека во државата ништо не функционира, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата додаваат дека владата предводена од СДСМ ја довела економијата пред колапс.

„Имаме најниска стапка на раст во регионот и во Европа, нема капитални инвестиции, а јавниот и државниот долг ги уриваат психолошките бариери. Процентот на реализација на капиталните инвестиции е катастрофален. Неспособната власт успеа да реализира само 16,65 проценти од капиталните инвестиции кои самите си ги планариле. Ниту можат да направат план, уште помалку да го реализираат. Претхоните влади за првите шест месеци реализирале и над 40% од предвидените инвестиции. Зоран Заев и црното економско трио не ставија камен на камен“, се наведува во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека ваквите факти говорат за неспособноста и фокусот на криминал од владата предводена од СДСМ, Зоран Заев и неговите луѓе задложени за економија, Кочо Анѓушев и Драган Тевдовски.

„Секој ден сме сведоци на расипничко трошење, делење на грантови на партиски подобни фирми. Не постои ниту еден граѓанин кој живее подобро откако е Заев на власт, освен функционерите блиски на Заев, нивните роднини и пријатели.Очигледно политиките на Заев ќе имаат потешки последици за Македонија отколку што може да се претпостави“, се вели во соопштението.

Од опозициската партија додаваат дека со ваква економска политика граѓаните треба да заборават на ветувањата кои Заев им ги давал, како 600 километри нови автопати, 30 илјади денари просечна плата, 100 илјади денари плата за лекарите итн.

Во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ на крајот се наведува дека колку побрзо заврши владеењето на оваа криминална група, толку побрзо Македонија ќе се опоравува.