Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид, Перчо Божиновски оцени дека ветуваните подобри услови во образованието и новите инвестиции биле само предизборна измама на СДСМ бидејќи тие воопшто не се наоѓаат на листата на приоритети.
Директорот на Јавната научна установа „Институт за филм – Филмска академија Охрид“ да одговори дали професорите веќе неколку месеци не добиваат финансиски надомест, додека студентите се оставени без настава, а со тоа и нивните дипломи под знак прашалник, порача Божиновски.
„Во прва година на Академијата за филм, која работи по стандардите на ФАМУ во Прага, оваа учебна година немаше уписи. Се укинува ли Академијата за филм, а Охрид нема да прерасне во град на филмот? Хаосот во образованието предизвикан од СДСМ никако да запре, се кратат средства, нема ниту еден проект, се укинува ли Академијата за филм?“, праша Божиновски.
Божиновски рече дека со ребалансот на буџетот се кратат средства за изградба на основни и средни училишта, спортски сали, реконструкција на студентски домови. Во секторот високо образование за Охрид, односно за Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ се кратат половина од предвидените финансиски средства за капитални расходи и инвестиции.