Македонија 07. јули 2018. / 19:27

ВМРО-ДПМНЕ: Договорот со Грција за промена на името на Македонија ќе го испратиме на Венециската комисија

ВМРО-ДПМНЕ: Договорот со Грција за промена на името на Македонија ќе го испратиме на Венециската комисија

ВМРО-ДПМНЕ ќе го испрати Договорот за промена на името меѓу Македонија и Грција за промена на името до Венециската комисија, изјави портпаролот на оваа партија Наум Стоилковски. Секое мислење на Венециската комисија е само советодавно, необврзувачко, но нивната рецензија е многу значајна во спроведувањето на одреден законски проект.

За ВМРО-ДПМНЕ договорот за промена на името на Република Македонија е неуставен, а потписниците на оваа спогодба сториле кртивично дело. Оваа опозициска партија пред два дена до Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против премиерот Зоран Заев, против Никола Димитров, Талат Џафери, како и против сите пратеници кои гласаа за „овој капитулантски, противуставен и противзаконски договор потпишан со Република Грција“.

Во кривичната пријава пријавените се гонат по четири основи за сторени кривични дела: велепредавство, загрозување на независноста, здружување заради непријателска дејност и за злоупотреба на службената положба и овластување.

Венециската комисија е советодавно тело на Советот на Европа. И покрај ветувањата, власта сѐ уште не го испрати Законот за употребата на јазиците до Венециската комисија. Сите забелешки и предлози на експертите на Венециската комисија на македонскиот Закон за употребата на јазиците ќе бидат прифатени и применети, велат од македонската Влада.