Ќе звучи како клише доколку текстов го почнам со констатацијата дека распадот на секоја владеачка структура носи шанса за докажување на нови ликови и програми на политичката сцена. Но распадот на владеачката илузија „Живот за сите во Македонија“ од минатата недела не оди баш според тоа и такво клише, бидејки веќе имаме искусен кандидат кој воопшто не е нов на политичката сцена. Македонија пред секои избори е мегдан на секакви партиски, етнички, па и дипломатски пазарења, кои вклучувале се освен: идеолошка доследност, искуство и минат труд…атрибути кои се можеби најпотребни кога зборуваме за институцијата Шеф на Државата.
пишува: Виктор ТРИФУНОВСКИ
Минатата недела пратеникот Влатко Ѓорчев, сам и без некоја поголема помпа, токму во екот на најголемите пазарења и коминаторики, застана на партиската сцена на ВМРО ДПМНЕ, директно јасно и гласно соопштувајки ја својата намера да стане претседателски кандидат на партијата. Со искуство во политиката од две децении, со биографија и реторика која комплетно се поклопува со неговите идеолошки ставови, без никакви афери за тендери или непотизам (за судски прогонства да не зборувам, поготово со вакво судство какво што го имаме) Македонија има шанси да добие уште поцврст чувар на Уставниот поредок од Ѓорѓе Иванов.
Освен тоа, Ѓорчев не е довчерашен тоталитарец кого светските настани го присилиле да се помири со парламентарната демократија и пазарната економија, како што беше случајот со Глигоров и Црвенковски. Ниту пак е дипломат со скромно искуство кој се прославил со една изјава, како Борис Трајковски. Неговите мандати во најмала рака би наликувале на овие на Ѓорѓе Иванов. Велам „во најмала рака“ со сета почит кон актуелниот претседател, кој води тешка борба против оние кои ги кршат правата на етничките македонци, но сепак потекнува од социјал-демократските кампуси, кои ги има напуштено токму поради денешниве нивни политики. За разлика од него, кај Ѓорчев ја немате ниту таквата минорна промена на позициите. Тој останал идеолошки конзервативец, притоа останувајки и верен и на идеата дека Македонија и македонците не треба да ги губат сопствените права и слободи во изградбата на партнерските односи со НАТО и Европа. Или да се изразам народски, знае да прави разлика меѓу партнер и полтрон.
Ѓорчев можете да го поддржите или не, но сето што е набројатно се факти, додека за Македонија во периодов кој следува, многу ќе бидат важни две работи:
1. Економскиот, поточно даночниот и регулаторен масакр со кој актуелнава Влада одзема се повеќе пари од граѓаните и компаниите, притоа намалувајки го растатот на стопанството, забранувајки им на обините луѓе работење во различни сектори. Пазарџиите се само првите жртви, и верувајте нема да бидат ниту единствени, ниту последни. Затоа е потребен претседател кој нема лесно и едноставно да ги прифати законите позади ваквиот (нео)социјалистики јавашлук.
2. Евентуалните преговори за членство во ЕУ, со ваква Влада каква што ја имаме, би биле претворени во бланко потпишување на барањата од Брисел, без никаква критика, па можеби и без нивно читање…како што и впрочем доликува на политички полтрони. Затоа ни е потребен претседател кој ќе се однесува поинаку.
На крајот, ајде да ги видиме и останатите кандидати со кои би можеле да направиме споредба. Но како и да е, кандидатурата на Влатко Ѓорчев генерално е пријатно изненадување, поготово за сите луѓе без разлика на партиска и етничка припадност, кои префереираат искусни луѓе без сомнителен багаж.