Здружението за заштита на животните Анима мунди преку медиумите испрати барање до политичките партии кои ќе учествуваат на изборите да ги објават јавно стратегиите, ставот и програмите со кои ќе ги третираат животните со цел конечно подобрување на нивните права, заштита и благосостојба.
Обраќање и барања, Анима мунди *
Сакаме да живееме во држава во која се слуша гласот на хуманите граѓани – љубителите на животните и активистите за нивните права, кои се десет години во континуиран пораст, кои преку својот личен пример и активизам суштински го оплеменуваат нашето општество. Ние сакаме влада која е во служба и на луѓето и на животните, која хуманоста ја поддржува и брани, стои во обраќањето на активистите на Анима мунди.
Барањата на Анима мунди
„Измена и суштинско дополнување на Законот за заштита и благосостојба на животните во првата година од мандатот на новата влада;
Законска забрана за еутаназија како механизам за справување со бездомната популација животни и инволвирање на здруженијата во управувањето и работењето на стационарите;
Ограничување и контрола на слободната продажба на високотоксични материи, кои се злоупотребуваат за труење на животни и со чија примена силно се загрозува и безбедноста на граѓаните;
Забрана за употреба на коњи/копитари во урбана средина;
Зголемување на казната за мачење на животно во рамки на Кривичниот закон на РМ, Запирање на субвенционирањето а со тоа и поттикнувањето на сточарството и индустриското фармство, а во интерес на поттикнување и субвенционирање на еколошко земјоделство и производство на растителни култури;
Воведување на растително мени како опција во сите јавни институции – здравствени и образовни установи (болници, градинки, училишта, студентски домови и сл.) и друго.
Тие потсетуваат дека иако нивните барања биле целосно притафени во програмата на Владата на РМ (мандат 2017-2020), владата на СДСМ не направила никакви суштински подобрувања, а системски промени изостануваат во целост.
Начин на кој ќе видиш дали некој ја заслужува твојата доверба, е да му веруваш барем еднаш. Со дистанца од речиси 4 години , иако нашите барања беа дословно прифатени во програмата на Владата на РМ (мандат 2017-2020) при што беа писмено ветени сериозни придобивки за животните, констатираме дека не се направени никакви суштински подобрувања, системски промени изостануваат во целост. На ветувањата може да се потсетиме на следниот линк, страна 147
https://sdsm.org.mk/Gis/Upload/PDF/Plan%20za%20zivot%20vo%20Makedonija.pdf
Од причина што моралниот, правниот статус и заштита на животните зависат од политичките ставови и одлуки на новата влада и институциите, Анима мунди бара ставовите на сите учесници на овие парламентарни избори по овие прашања да ги добие на [email protected], а потоа ќе ги сподели со јавноста.