Стотина медицински лица вработени во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) два месеца немаат земено плата, тврди Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, лицата што се најизложени во време на пандемијата остануваат без приходи и без здравствено осигурување.
За стотина медицински лица вработени во Институтот за јавно здравје нема ниту плата ниту здравствено и пензиско осигурување за месеците март и април. Стотина вработени во Институтот за јавно здравје немаат здравствено осигурување во ек на корона. Владата и Спасовски наместо да се грижат за лекарите и пациентите ги оставаат луѓето кои се во првите борбени редови без основни средства за егзистенција. Вработените во ИЈЗ, кои се дел од целиот процес на тестирање од коронавирус и секојдневно се во служба на граѓаните во екот на најголемата здравствена криза во државата немаат ни за леб, рече Костовски на денешната прес-конференција.
Тој обвини дека Владата троши пари за морска риба, октоподи, шкампи, скап алкохол, половина милион шолји кафе и апетисани за функционерите, но немаат за вработените медицински лица во Институтот за јавно здравје.
Владата на СДСМ има пари за нови огласи за полнење на јавната администрација со партиски кадар, но нема за плати на луѓето кои го жртвуваат својот живот за да спасат живот на илјадници наши сограѓани. Владата на Спасовски ќе овозможат непречено патување и шетање на функционерите во странство кои ќе можат да трошат народни пари, но не да даваат за плати за лекарите, медицинските сестри и болничарите од Институтот за јавно здравје, рече Костовски.