Присуството на штетните ПМ10 честички вчера бил под прагот од 188 микрограми на метар кубен во Скопје, Битола, Гостивар и Тетово и поради тоа Владата од утре ќе ги укине мерките и препораките кои важат во услови на екстремно загадување на воздухот. Засега нема информација дали се укинува и бесплатниот автобуски превоз и дали распустот на учениците ќе биде продолжен. Во Струмица, мерките и препораките остануваат на сила.
-На ден 21 јануари среднодневните концентрации на ПМ10 се под дефинираниот праг на алармирање од 188 микрограми на метар кубен, и епизодата од два последователни дена е прекината во Скопје на мерните места Центар, Карпош и Ректорат, Миладиновци, Битола на мерните места Битола 1 и Битола 2, Гостивар и Тетово. Исто така, Ве информираме дека прагот за алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри е надминат на мерното место Струмица и таму остнауваат на сила препораките и мерките. – соопштија од Владата.
Среднодневната концентрација на ПМ10 честичките на метар кубен во Струмица на 20 јануари била 376, а на 21 јануари – 199. Според СЗО, пак, дозволената дневна концетранција на штетните ПМ10 честички е 50 микрограми на метар кубен.
Од утре се укинуваат следните препораки и мерки: работодавците да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма и други хронични респираторни болести, прележан миокарден инфаркт, мозочен удар и други кардиоваскуларни или онколошки болести без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар, потоа препораката за ограничување на работите на градежните објекти и препораката до Единиците на локална самоуправа да ја намалат до 50 отсто употребата на службените возила.
Се укинуваат и препораката сите работодавците да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11 до 17 часот и препораката да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено.
Исто така се укинува и препораката до Инсталациите коишто поседуваат А – ИСКЗ дозвола, за намалување на капацитетот на производство (до 50 %) со што од оваа мерка ќе бидат исклучени инсталациите кои што произведуваат топлинска или електрична енергија.