Владата на денешната седница донесе одлука за формирање комисија за пренос на техничките уреди за следење на комуникациите и на техничката документација од Министерството за внатрешни работи – Управа за безбедност и контраразузнавање во Оперативно-техничката агенција (ОТА).
Комисијата, составена од претставници од МВР, од ОТА, од Врховниот суд, од Јавното обвинителство, од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, како и од Комисијата за надзор над спроведувањето на посебната истражна мерка следење на комуникациите, има задача да ја утврди фактичката состојба на техничките уреди за следење на комуникациите, како и на техничката документација, кои се пренесуваат од Министерството за внатрешни работи – Управа за безбедност и контраразузнавање во Оперативно-техничката агенција, да изврши попис на сите активни мерки за следење на комуникациите, како и да состави записник за извршената задача.
Формирањето на оваа комисија е во функција на обезбедување гаранции за соодветна имплементација на законски решенија од кои произлегуваат и обврските Владата на РМ да ги овозможи сите услови за почнување со работа на оперативно-техничка агенција до денот на почнување на примената на наведениот закон, односно до 1 ноември оваа година.