Дали ќе биде разрешен директорот на Бирото за јавна безбедност – Лазо Велковски ќе се одлучи во вторник на владина седница. Од Владата чекаат да го добијат предлогот од министерот Спасовски, по што истиот ќе биде ставен на дневен ред.
Владата одби да го коментира скандалот со злоупотребата на службеното возило на МВР. Велат МВР веќе излегло со соопштение за случајот.
„Предлогот на министерот Оливер Спасовски, согласно процедурите, ќе биде ставен на дневен ред на седница на Владата на Република Македонија, до кога се очекува да биде доставен. Како за секоја друга одлука на Владата на Република Македонија, јавноста ќе биде информирана веднаш штом ќе биде донесена“ – информираат од Владата.
Од МВР, пак, не одговорија дали директорот ќе добие и кривична пријава за злоупотреба на службената должност и овластувања. И Велковски не сакаше да одговори на нашите прашања – дали чувствува одговорност и дали сам ќе си поднесе оставка или пак ќе чека да го разрешат.