Македонија 01. март 2021. / 11:14

Вкупно 446 нови вработувања во јавното здравство во изминатата година

Вкупно 446 нови вработувања во јавното здравство во изминатата година

Од почетокот 2020 година 164 доктори, 247 медицински сестри и 35 специјалисти добиле статус на вработени на неопределено време.

Министерството за здравство информира дека минатата година реализирани се 446 нови вработувања во јавно-здравствени установи низ државата.

-Пандемијата покажа колку се значајни здравствените работници, тие се столбот на нашето здравство. Со нови вработувања и зголемувањата на платите создаваме услови секој млад здравствен работник својата иднина и кариера да ја гледа во својата земја. Отворени сме за соработка со младите како никогаш досега, истакнува министерот Филипче.

Од Министерството за здравство инфомираат дека во изминатите 3 години, повеќе од 5.000 согласности се дадени за вработување во јавно-здравствените установи и за првпат се платени приватните специјализанти во висина од просечна плата на општ лекар со што тие се изедначуваат со статусот на нивните колеги.

Во месец септември 2018 година, на 19.123 вработени во јавно-здравствените установи им се зголемила основицата за плата за 5%. Во јануари 2019 година, следеше дополнително зголемување на платите на здравствените работници, доктори, медицински сестри, болничари, техничари. 5% за медицинските сестри, 8% на медицинските сестри на Клиниките и 10% за докторите специјалисти.

Во септември 2019 година, за 5% е зголемена платата на администрацијата во здравството. Од февруари 2020 година, платите на лекарите специјалисти се зголемуваат за 25%, додека пак на медицинските сестри за 10%. Кумулативно, заедно со сите зголемувања досега, вклучително и зголемувањата во месец февруари 2020 година, основната плата на лекарот специјалист е зголемена за 40%, на медицинските сестри помеѓу 20% и 23%, на општите лекари за 25%, а на здравствени соработници за 15%.