Власта и опозицијата не ја исклучуваат можноста уште викендов да седнат на маса за продолжување на преговорите за законот за Јавно обвинителство, пишува Канал5.
Си вперуваат прст едни кон други за тоа кој е виновен за закочениот процес, а од позициите велат не отстапуваат. Од ВМРО ДПМНЕ тврдат дека власта одбива решение бидејќи со опозициските предлози немало да се заштитат функциониери кои се вмешани во корупциски скандали. Отстапки од црвените линии не најавуваат ниту од власта.
Од СДСМ им порачаа на нивните опоненти дека нема да се спасат од криминалот кој го сториле.
Работните групи се немаат сретнато од вечерта кога Заев и Мицкоски се обидоа да најдат решение на лидерска средба. Опозицискиот лидер не очекува договор наскоро и тврди дека Заев инсистира на неговиот предлог со кој, како што вели, политички ќе се реваншират кон неистомислениците.
За разлика од него, премиерот е оптимист и е спремен да седне повторно со Мицкоски на маса, но откако преговарачките тимови ќе направат чекор напред.
Ставовите им се разидуваат најмногу околу шефот на новото обвинителство за висока корупција. На маса ќе биде последниот предлог на ВМРО ДПМНЕ, за којшто министерката за правда рече дека не е прифатлив, но е основа за решение. Тие сметаат дека предлогот од опозицијата не гарантира назначување на независен шеф на обвинителството за организиран криминал.
Законот за јавно обвинителство од власта не го сметаат за услов за октомвриската одлука, туку како неоходен како реформа. Но ако не најдат заеднички јазик за консензус со ВМРО ДПМНЕ, ќе бараат двотретинско мнозинство директно во Собрание.