Македонија 03. ноември 2018. / 15:43

(ВИДЕО) Учебниците разменети – грчките експерти ќе ни ја пишуваат историјата

(ВИДЕО) Учебниците разменети – грчките експерти ќе ни ја пишуваат историјата

На вчерашниот состанок на македонско-грчкиот комитет на експерти, тимовите си ги размениле школските учебници и во понатамошниот период ќе утврдуваат кои делови од нив се спорни.

Предводникот на 7-члениот македонски тим, амбасадорот Виктор Габер е задоволен од првичните разговори – за Канал 5 вели, има волја од двете страни. Се работи за обемен број материјали и учебници, од кои поголем дел ќе бидат ревидирани до септември, а чија главна цел е на новите генерации да им бидат достапни на начин што нема да предизвикуваат нови болни моменти.

На вчерашната средба во Солун е усвоен деловникот за работа, со кој се утврдува динамиката на идните состаноци. Со оглед дека разговорите се во почетна фаза, Габер не открива кои се темите, кои според него, би предизвикале најмногу полемика. Во однос на топонимите во учебниците, како на пример ословувањето на Тесалоники или Солун, Битола или Манастири, за Канал 5 тој посочува дека на овој дел, се користат меѓународни конвенции, кои се поволни за Македонија.

Иако не е прецизирано, втората средба се очекува да се случи во текот на јануари, кога Македонија ќе биде домаќин на грчките експерти за историски, археолошки и образовни прашања. Согласно Преспанскиот договор, работата на Комитетот ќе го надгледува Министерствата за надворешни работи на двете земји.