Тони Менкиновски е адвокатот кој го придружуваше Орце Камчев за време на распитот пред судијата, а тој оценува дека изрекувањето на притвор за Камчев е без докази.
Камчев доби 30-дневен притвор како осомничен во истрага за изборна измама, по претходна најава од АНБ дека планирал бегство.
„Ова е садизам. Да се изрече ваква мерка на Прочка е израз на садизам на институциите на системот. Обвинител од Радовиш денеска пред судот побара, поради некаква си индиција, службена белешка од АНБ дека ќе бега, да му се изрече мерка притвор. Двата пасоши на Камчев се во судот, има дадено капитал како гаранција и дури и да сака не може да замине“, изјави Менкиновски, адвокатот на Камчев.
Менкиновски вели и дека ова е срам за државата и дека се користат дневни политички цели и се надева дека оваа мерка брз ќе падне пред Европскиот суд за човекови права.
Адвокатот ја коментира и службената белешка на АНБ според која се најавувало бегството на Камчев, истакнувајќи дека тоа можеби е поврзано со случајот „Меѓународен сојуз“.
„Службената белешка доаѓа од институцијата каде што работи сопругот на Фросина Ременски, каде тој мислам дека е и на раководна функција, против која Камчев требаше да сведочи неделава. Ако ова е начин да се сопре тој да сведочи, ова е срам, бидејќи сега судењето ќе се одложи, па целата постапка ќе се одолговлекувва, не е толку едноставно“, посочил Менкиновски.