Македонија 20. септември 2018. / 21:16

Велес и Кочани добија дневни центри за лица со попреченост

Велес и Кочани добија дневни центри за лица со попреченост

Во Велес и во Кочани денес беа отворени дневни центри за лица со попреченост кои се опремени по најсовремени стандарди и со нив треба да се зголеми квалитетот на животот на децата и на лицата со попреченост во овие два града и oколината.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, на отворањето на центрите рече дека овие социјални сервиси значат многу за развојот на лицата што ги посетуваат, но и за самата локална заедница.

„Корисниците кои по неколку часа секојдневно престојуваат во нив имаат програмски активности кои се однесуваат на реализација на индивидуална програма за работа за секое лице, а се работи и во група и со родителите на корисниците“, рече Царовска.

Капацитетот на Дневниот центар во Велес е за шест, а во моментот го посетуваат пет деца, а во кочанскиот има четири корисници, а капацитетот е поголем.

Министерството за труд и социјална политика, покрај центрите во Велес и Кочани, овој месец отвори и други два дневни центри во Прилеп и Македонска Каменица.

Претходно веќе функционираат 30-ина дневни центри во цела Македонија, кои имаат 431 корисник до 18 години и 187 корисници над 18 години.