Македонија 20. август 2019. / 14:42

Веќе четири часа трае распитот на Катица Јанева

Веќе четири часа трае распитот на Катица Јанева

Пуштени клима уреди, а истовремено отворени прозорци. Ваква е атмосферата на третиот кат во Апелација, каде е сместено Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, пишува 360 степени.

Во една од канцелариите, веќе четири часа тече распитот на шефицата на СЈО Катица Јанева. Специјалната обвинителка дава исказ пред нејзината колешка Вилма Русковска, но не е сама. Ја придружува адвокатот Стеван Павлески кој е поранешен републички јавен обвинител. Павлески е адвокат и на осомничениот во „Империја“ Цветан Панделески.

Шефицата на СЈО е повикана како сведок, но е единствена од досега сослушаните за случајот „Рекет“, која на распит се појавува со адвокат. Ова предизвика реакции кај дел од адвокатската фела во чија досегашната пракса не се случило адвокат да присуствува на сослушување сведок во Обвинителството. Други пак, логиката ја бараат единствено во можноста Јанева да се чувствува како жртва или оштетено лице во случајот. Адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска за овој случај, во кој адвокат на Јанева е адвокат на осомничен во случај кој го гони СЈО е децидна – изборот за бранител претставува судир на интереси.

Согласно законската дефиниција, под судир на интереси се подразбира состојба во која службеното лице има приватен интерес што влијае или може да влијае врз непристрасното вршење на неговите јавни овластувања или службени должности.