Македонија 08. октомври 2018. / 16:48

„ВЕЧЕР“: На 16 октомври ќе се гласа за уставните промени

„ВЕЧЕР“: На 16 октомври ќе се гласа за уставните промени

На 16 октомври, во вторник, Владата планира гласање за уставните амандмани, кои веќе се во владина процедура. Планот е оваа точка да се најде на дневен ред, а доколку не добие двотретинска поддршка, што е многу веројатно, веднаш да се пристапи кон гласање за вонредни парламентарни избори.

Деновиве во игра се преговори и за техничка влада со мандат од 45 до 60 дена. Конечната одлука се очекува да биде донесена до крајот на оваа недела, а неофицијални партиски извори откриваат дека датумот за евентуални предвремени избори би можело да биде поместен, па тие да се одржат на 2 или на 9 декември.

За менување на Уставот неопходно е двотретинско мнозинство во Собранието, или 80 од вкупно 120 пратеници. Преговорите според извори од партиите се уште траат, но до овој момент и власта и опозицијата цврсто остануваат на нивните ставови.

Собраниски извори брифираат дека седницата на Комисијата за уставни прашања и пленарната седница за пристапување кон уставни измени ќе бидат закажани веднаш штом предлогот пристигне во архивата на Парламентот, а се очекува тоа најрано до утринава.

Според Деловникот, Комисијата за уставни прашања има рок од 10 дена да расправа за предлогот за пристапување кон уставни измени и дека расправата на пратениците за време на претресот на Комисијата е ограничена. Пишува вечер.пресс