Македонија влегува во фаза на политички, државен и правен хаос. И формално, влегува во диктатура која до сега, а и од сега, ја гледаме фактички, анализира Вечер.
Никој, ама баш никој било да е тој од СДСМ, ВМРО, ДУИ, Алијанса… да е стар, млад или од било кој пол нема луксуз да не го гледа тоа, да не го загрижува и да мисли дека не се однесува на него. Напротив, секој е потенцијална жртва на диктатурата, било сега било подоцна. Она што сега го наметнува СДСМ кон едните сосема легитимно ВМРО ДПМНЕ ќе може да го неметнува утре кон другите. Затоа, сега е време да се каже: доста е. Запирате сега, и овде,
Во продолжение Ви пренесуваме дел од анализата за случајот „Рекет“ објавена на Вечер. Основа на која се темели една држава, статусот и постоењето на нејзините граѓани и бизнисот во неа е – правниот систем. Тоа е разликата помеѓу она што го гледате во правно уредените општества и државите на Западна Европа и она другото кое го гледате на Балканот, Киргистан, Азарбејџан, Кина или Либан…
Македонија сега правен систем – нема. Причина за тоа уривање е заташкување на најголемата финансиско-политичка афера Рекет, сопствен спас од кривично гонење за Зоран Заев, неговата фамилија и соработниците, и спас за до коска корумпираниот режим со кој Зоран Заев и Али Ахмети раководат.
По амнестијата за корупциите со трговскиот центар Глобал, а потоа и снимениот криминал познат како Евро за Вицето, ова е обид на Заев за трета амнестија. Од кога е Зоран Заев во политиката, корупцијата е постојано со него.
Уривањето почна со откривањето на скандалот Рекет. Нема никаков доказ дека рекетите на Боки 13 и синот на Катица Јанева заедно со неговата мајка, шеф на СЈО, прв ги пријавил Зоран Заев во ЈО кај Вилма Рускоска. Нема никаква писмена трага дека Заев дал информација за тоа, а мора да има. Ако имаше досега ќе ја видевме, а допрва можеме да очекуваме антидатиран запис за да се заштити Зоран Заев од одговорност. За рекетите Зоран Заев очигледно знаел многу порано, и ги покривал. Не е битно дали од нив земал пари за себе, тој со министрите Анѓушев и Филипче има многу поголеми извори на црни пари, но сосема е извесно дека од тие милиони имало и за неговите први соработници, и за партијата. Така купувал мир во куќа, и соработниците да не му пречат во неговите бизниси.
Скандалот го откри Орце Камчев, со пријава во УБК а потоа, од УБК во Јавното обвинителство. Таа успешна фаза е ставена во функција затоа што директорот во УБК Горан Николовски, заедно со неговите претходници и соработници Сиљан Аврамовски и Лазе Велковски важат за респективни кај американската амбасада и оттаму имаат поголем степен на одговорност и самодоверба во одлучувањето па директорот на УБК Горан Николовски во старт и по пријава од сопругата на Орце Камчев се нафатил да го работи случајот Рекет. Било кој друг во полицијата, освен овие тројца, согласно досегашната пракса би се јавил кај Заев, би се наплатил со пари, функција и привилегии и Рекет денес не би ни постоел како предмет.
Случајот го добива обвинителката Вилма Рускоска. По самоуништувањето на Катица Јанева таа ја гледа својата шанса, ги знае релациите на Горан Николовски со американската амбасада, и знае дека поради тоа не може туку така да го заташка случајот. Амбасадата многу се внесе во создавањето и работата на СЈО за да дозволи Катица Јанева и Боки да поминат неказнети откако од нејзина страна е злоупотребена нивната доверба.
Целата анализа моежете да ја прочитате на Вечер.