Државна изборна комисија не е избрана. И покрај лидерската средба и договорот претседателот на парламентот Талат Џафери ноќеска не свика седница и парламентот не одржа седница.
Официјално нема информација зошто спикерот Џафери ја најави но потоа не ја закажа седницата на која само формално требаше да биде изгласано договореното од лидерската средба и формиран новиот состав на ДИК.
Неофицијалните информации се дека на преговорите меѓу партиските групи на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ кои траеја неколку часа, имало големи несогласувања во делот на казните кои се предвидуваат во законот за финансирање на партиите. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ инсистирала на измени во делот за злоупотреба на службената положба и овластувања и замена на затворските казни со парични. Некои ова го толкува како обид за издејствување на амнестија за дел од претходното раководство кое е обвинето токму за ова кривично дело од страна на Специјалното јавно обвинителство .кога точно спикерот Џафери ќе ја закаже седницата за избор на новиот состав на ДИК се уште нема информација.
Реакциите по вчерашната лидерска средба се различни. Владата и владеачката СДСМ ја нападнаа опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека го минира процесот за да издејствува амнестија за членови на партијата кои се обвинети заради инволвираност во настаните од 27 април и во предметите на СЈО.
Мицкоски во своите изјави потенцираше дека тој и партијата работат исклучиво во интересите на граѓаните и државата и заштита на уставот и законите. Тој потврди дека остануваат на ставот околу прашањето кое треба да биде еднозначно односно да биде исклучиво „за“ или „против“ договорот со Грција, цензусот и карактерот на референдумот.