Македонија 10. јуни 2020. / 16:26

Василевска: Заев сам кажа дека ги контролира невладините, а сега преку нив сака да корумпира медиуми

Василевска: Заев сам кажа дека ги контролира невладините, а сега преку нив сака да корумпира медиуми

Спрегата на СДСМ со одредени таканаречени невладини организации ја обелодени лично Зоран Заев, со неговата изјава дека „сите невладини се негови“. Впрочем, и самиот Заев ја потврди автентичноста на објавената снимка. Од таму финансирањето на невладините организации, кои истите тие пари од буџетот ќе ги даваат за плаќање на реклами со владина содржина не е ништо друго, туку директно корумпирање на медиумите од страна на СДСМ. Она што власта не може да го прави директно го прави преку НВО секторот и тоа претставува дрско трошење на народните пари, кога во државата илјадници семејства немаат ни за леб, Иванка Василевска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ се залага за независен граѓански сектор, кој пред се, би имал свој интегритет и авторитет во општеството. Во тој контекст, сомнителниот оглас за финансирање на здруженија на граѓани, воопшто не води кон зајакнување на интегритетот и на авторитетот на граѓанските организации. Сметаме, дека овој скандалозен оглас не остави рамнодушен никого во јавноста. Уште повеќе што најпрво средствата од приближно половина милион евра беа скратени наводно заради економската криза предизвикана од КОВИД-19, а всушност заради одложувањето на изборите на 12-ти април. Сега, повторно истиот буџет се доделува на граѓански организации, токму во предизборието за кое се залага Заев, што директно упатува на масовен поткуп.Истовремено го повикуваме Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор да објасни која е неговата вистинска улога? Чии интереси штити? И зошто молчи за ваквиот предизборен поткуп на невладиниот сектор?, изјави Василевска.

Воедно, ги охрабруваме граѓанските организации да реагираат на овој обид за предизборен поткуп, со цел да се сочува интегритетот и авторитетот на граѓанскиот сектор во Република Македонија. Навистина не е вредно, заради лично користољубие на индивидуи поврзани со овие „владини-невладини“, да се нарушува интегритетот, авторитетот и јавниот имиџ на целокупниот граѓански сектор. Зоран Заев и СДСМ се оние кои го искомпромитираа и деградираа граѓанското општество. Погледнете го само бројот на „независни“ граѓански активисти, кои ги зафатија удобните владини и други функционерски фотелји, после формирањето на Владата предводена од социјалдемократите и кои всушност претставуваат само скап ПИ-АР на деструктивните политики на оваа неспособна и ненародна власт, кажа Василевска.

Сега, покрај решавање на  многуте проблеми во услови на здравствена и економска криза, исто така неопходни се многу напори, после ова повеќегодишно маргинализирање на граѓанското општество, повторно да се ревитализира вистинскиот плурализам на идеи и погледи кои во нормални услови го одликуваат граѓанскиот активизам. Време е да се стави крај на оваа клиентилистичка спрега и да се осуди јавно, дувлото од квази граѓански кариеристи и злоупотребата на граѓанскиот сектор од страна на Социјалдемократскиот сојуз. Во наредниот период ВМРО-ДПМНЕ се обврзува да работи на поттикнување на избалансиран граѓански сектор потполно независен и имун на злоупотреби од политичките елити, изјави  Василевска.