Македонија 04. јуни 2018. / 19:30

Вартоломеј и Јеронимос на средби со државниот врв за барањето на МПЦ

Вартоломеј и Јеронимос на средби со државниот врв за барањето на МПЦ

Статусот на МПЦ една од главните теми на средбите кои Вселенскиот патријарх Вартоломеј денеска ги оствари со поглаварот на Грчката Православна Црква Јеронимос, претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос и премиерот Алексис Ципрас. Според грчките медиуми, на средбите било констатирано дека Вселенската патријаршија е задоволна од текот на преговорите со македонската црква.

Грчката ТВ ЕРТ пренесувајќи и дел од средбите и изјавите наведува дека „Патријаршијата го изразила задоволството од развојот на односите со црквата на ПЈРМ и дека изразува исто така задоволство околу барањето таа да влезе во семејството на останатите православни цркви под името Охридска Архиепископија според сите канонски правила“.

На средбата со Вартоломеј, Павлопулос рекол дека ја поддржуваат патријаршијата во сите чекори кои ќе ги преземе. „Ја поздравуваме и поддржуваме работата на Патријаршијата. Тука сме да да дадеме поддршка и за вашите иницијативи за одржлив развој и заштита на животната средина, како и за прашањата поврзани со црквата на ПЈРМ и автоќефалноста на црквата во Украина“, изјави грчкиот претседател Павлопулос.

По средбата се огласи и премиерот Ципрас.  „По средбата со Вселенскиот Патријарх Вартоломеј ги поздравува(м) напорите на Патријаршијата за позитивно решавање на црковниот спор и разликите меѓу Грција и ПЈРМ“, порача грчкиот премиер.

Средбите на Вселенскиот патријарх Вартоломеј со архиепископот Јеронимус, со претседателот Павлопулос и со премиерот Ципрас, се одржуваат на само неколку дена по соопштението од Вселенската патријаршија дека „во рамките на надлежностите и прерогативите на Вселенскиот патријарх, ќе биде разгледано и ќе се преземе она што е потребно за враќање на црквата на Скопје во канонски рамки под името Охридска архиепископија“. Премиерот Зоран Заев минатата недела испрати писмо до Вселенската патријаршија со кое побарал помош околу конечно решавање на црковниот спор што постои од возобновување на Охридската архиепископија.