Македонија 03. март 2020. / 12:10

Варошлија: Многу убаво паметам, Боки 13 не планираше да бега

Варошлија: Многу убаво паметам, Боки 13 не планираше да бега

Со Бојан Јовановски се знам долги години. Му бев стилист. Заедно соработувавме на низа проекти. Таа наша соработка траеше и кога тој беше во Белград, а продолжи и откако се врати, изјави денеска во судница на процесот „Рекет“ стилистот Сергеј Варошлија.

На прашање на Сашо Дуковски, адвокат на Бојан Јовановски да го опише Јовановски, сведокот нагласи дека Боки 13 бил близок многу со неговата баба Евгенија која живеела во скопско Дебар Маало. Таа според сведокот му оставила материјални добра на својот внук. На прашањето на адвокатот Дуковски, дали ги познава Ана Камчева и Зоран Милевски Кичеец, сведокот рече:

Ана Камчева ми е позната бидејќи ми била клиентка, а Зоран Милевски го знам од град, а подобро од 2018 година кога почна интензивно да доаѓа во 1ТВ и интензивно се дружевме. Речиси секој ден доаѓаше во телевизијата, а и во домот на Јовановски. Еднаш Камчева и Милевски дојдоа заедно во телевизијата, а еднаш се разминавме во домот на Јовановски. Се сретнавме на врата во домот на Јовановски, јас излегував, а тие влегуваа. Во рацете не носеа ништо, истакна сведокот Варошлија.

Сведокот рече дека во домот на Јовановски никогаш не ја видел второобвинетата во овој случај Катица Јанева, а раскажа и за денот кога Јовановски беше уапсен на граница.

Многу убаво го паметам тој ден. Јас, Анета Кочишки и Лила Филиповска отидовме во неговиот дом, требаше да одиме на одмор. Тргнавме нормално, застанувавме по пат, а кога стасавме на граница, на пасошка контрола, Бојан го тргнаа на страна. Рекоа дека ние можеме да си одиме, а тој мора да остане таму. При претресот беа одземени и мои работи, некои чевли и чанти, бидејќи мислеа дека се што е брендирано е на Бојан – потенцираше сведокот, нагласувајќи дека летниот одмор бил планиран уште од пролетта и дека Бојан не планирал да бега.