Македонија 21. декември 2020. / 14:19

Вардар цел на политичките игри на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ

Вардар цел на политичките игри на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ

Најтрофејниот македонски клуб Вардар се соочува со тотална пропаст, натоварен со милионски долг и блокирана сметка од скоро четири милиони евра. Додека јавноста и навивачите бараат спас, политичарите како и многупати досега, ја турнаа македонската фудбалска гордост во – дневнополитички игри!

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека поднеле амандман во расправата на Буџетот на град Скопје за следната 2021 година со која се бара финансиска помош од градските власти од 30 милиони денари. Мнозинствотово Советот тоа го одбиле, па сега „политичките игри“ се префрлија во дворот на градската власт, која е обвинета дека го уништува последниот македонски бастион.

Само што, на кого и да му текна ова „славно решение“ или е неинформиран или се прави „на Тошо“, зашто амандманот за помош на клубот во случајот со долг по извршни решенија е најмалку 3,65 милиони евра, ако не и поголем. Тоа би значело, дека дури и владејачката СДСМ да се согласи за оваа помош, Вардар нема да се спаси, зашто парите што ВМРО-ДПМНЕ ги понудила како решение не го покриваат ни долгот кон УЈП за неплатен данок од 32 милиони денари (според последната листа на должници која е достапна за јавноста).

Вардар секогаш се турка во дневнополитичките игри. Особено откако финансиската криза експлодира во јули 2018 година, иако и година дена претходно кога се пишуваа најсјајните резултати и историја, ситуацијата со парите не беше добра без оглед на добрата заработка од УЕФА.

Случајно или не, пет пати газдата Сергеј Самсоненко, кој е во заминување уште од мај, секогаш пред некакви избори најавуваше заминување, па потоа се пишманеше. И во ниту еден момент, ниту тие што владеат, ниту тие што божем треба да го корегираат „лошото владение“ не понудија како Вардар да се спаси во сиве овие години. Го оставија само како „монета за поткусурување“ во даден момент, да биде искористен за некаков политички ќар.

Вардар заглави длабоко за да се доведе на работ на пропаста, која веќе станува очигледна откако и тренерот Александар Васоски го напушти бродот по последното есенско коло. Во најава е нов егзодус на фудбалери на и онака едвај скрпениот тим. И додека политичарите почнаа, а за очекување е допрва во 2021 година да се препукуваат за Вардар, особено што идната година ќе бидат локалните избори, јасно е дека во Скопје, а и во Македонија ниту има желба, ниту има идеја како да се спаси најтрофејниот клуб – барем од политичката елита.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов најмалку трипати посочи дека градот нема намера да го преземе Вардар, ако Самсоненко не го врати со нула долгови, исто како што го зема од градската управа од претходниот градоначалник Коце Трајановски. Плус и една одредба од договорот е проблематична, која баш тој дел го „регулира“. Ама, кризата во Вардар трае веќе две ипол години и ама баш никој во изминатиов период, токму од градската власт не иницираше најмалку една ревизија за да се види зошто и како свесно клубот се турка кон пропаст, се трошат пари, се таложат долгови… Таа незаинтересираност е јасен сигнал дека за Вардар – баш им е гајле!, пишува порталот Sport1.

Долговите, пак, си се дело на рускиот бизнисмен кој очигледно нема намера ни да ги подмири. Колку што трае кризата, толку траат и лагите за стабилизација, финансиска консолидација и исплата на заостанатите долгови. Последната во низата лаги е дека до крајот на месецов, ќе се исчистат долговите, само што веќе никој не верува во такво нешто. А, Самсоненко од август наваму, кога неговата „десна рака“ Самоил Симев, извршниот директор на клубот најави дека ќе се исплатат долговите, имаше можност барем со една десетина од севкупниот долг да најави дека има такви намери.

Но, во пет месеци не се подмирени ни едно евро од долгувањата, а не па џиновските 3,65 милиони евра, ако таа сума дополнително не се зголемила. Како и во град Скопје, очигледно и на Самсоненко – баш му е гајле за Вардар!

-Градот Скопје нека се подготвува да го преземе Вардар, може уште од денеска, зашто Самсоненко ќе ги исплати долговите до декември и јас тоа можам да го гарантирам, рече Симев на стартот на подготовките за новата сезона почнати во „пет до 12“ со едвај скрпен тим.

Оттогаш, управата во заминување која се бореше да опстане клубот и имаше гарантирани над 300.000 евра за да се преживее до декември, на фудбалерите не им даде ниту денар, освен два ситни аванси, колку да не биде без ич.

Дневното политикантство е само најава дека Вардар го чекаат црни денови, можеби и најцрни, бидејќи идеја и план за спас на клубот очигледно е дека нема, па стечајот како наводно решение полека ќе се турка на дневениот ред, иако е најнепосакуваното сценарио. Влез во таква „самоубиствена авантура“ може да биде погубна за великанот кој 73 години е симбол на Македонија, од причина што имотот кој наводно го има не е негов, а освен името, брендот и екипата која не вреди ни четвртина од долгот, нема како да се ослободи од јамката околу вратот која сѐ повеќе го гуши и го задушува. Освен ако на „умовите“ не им текне да прават нов правен субјект, па сплетките допрва да почнат.