Првите вакцини против ковид-19 од производителот „Фајзер“ во Македонија може да се очекуваат во втората половина на 2021 година, рече денеска Венко Филипче, министер за здравство, кој на прес-конфренција информираше и за договорот со Бугарија, при што од секоја количина на вакцини што ќе ја добива земјата, одреден дел ќе добива и Македонија.
Во однос на договорите со фирмите кои прават вакцини против ковид-19, Фајзер и АстраЗенека, министерот Филипче изјави дека иницијалните одговори биле дека директна количина на вакцини од Фајзер ќе се добие во втора половина на 2021 година, бидејќи Македонија е мал пазар, додека конечен одговор од АстраЗенека се уште нема.
Утрово бев во посета на соседна Бугарија. Присуствував на владината седница на покана на премиерот Борисов и министерот за здравство Анѓелов. Интензивно разговаравме изминатите неколку недели, имаме добри вести, а тоа е дека Бугарија како донација ќе одели слободна количина на вакцини од секоја количина која таа ќе почне да ја добива во следниот период, рече Филипче.
Покрај Бугарија што на овој начин даде поддршка, како најава за донација имаме и од Грција и од Полска.